Македонија
28. January 2020 - 16:31

Чулев: Се уште работи на идентификација на креаторите на ,,Јавна соба‘‘ - Петровска: Лицата се повикани

Додека јавноста трет ден е на нозе по обелоденувањето на скандалозната група “Јавна соба”, првите луѓе во МВР како да работат во различни министерства. Министерот Чулев тврди дека се уште не го знаат идентитетот на креаторите на групата, а неговата заменичка 2 часа по прес конференцијата се пофали на Фејсбук дека ќе поднесат кривична пријава против две лица.

 -Продолжува истрагата на Бирото за јавна безбедност во врска со групата “Јавна соба” на Телеграм. Вчера вечер во полициска станица беа повикани две лица, од кои едното е администратор, а другото креатор на групата “Јавна соба”. По извршените разговори и прибавените докази против нив ќе биде поднесена кривична пријава. БЈБ продолжува со активности за евентуална вмешаност и на други лица, напиша на Фејсбук дополнителната заменичка министерка во МВР Славјанка Петровска.

- Се уште не ни се познати администраторите. Се работи на оперативни активности на терен. Веќе имаме и многу релевантни сознанија за идентификување на дел од луѓето кои ја менаџирале оваа група, но во интерес на истрагата не би одел со конкретни имиња, зошто се е во фаза на истрага, кажа Наќе Чулев, технички министер во МВР.

Иако не се координирани со Петровска, Чулев рече дека 800-тини фотографии и видеа претежно од Фејсбук и Инстаграм, но и интимни содржини од малолетнички биле злоупотребени во “Јавна соба” на Телеграм. МВР сеуште не добило одговор од социјалната мрежа чие седиште е во Велика Британија на барањето да ја затворат групата.

Досега во полиција има само две пријави од лица - жртви  чии фотографии биле злоупотребени во “Јавна соба”, но не станува збор за порнографија. Покрај креаторите на групата се бараат и учесниците кои го прекршиле законот. Голем дел од членовите користеле звучни имиња на познати политичари, бизнисмени, јавни личности.

-Работат колегите. Пред се ставаме инпут на оние членови кои објавиле компромитирачки материјали, но не и на учесниците. Не може осум илјади луѓе. Не може сите членови да се повикаат, само оние што ги прекршиле законот. Ќе се повикаат најпрво само оние членови кои објавиле компромитирачки материјали, изјави Чулев.

За информациите дека дел од експлицитните фотографии се шират на нови групи на други социјални мрежи, министерот Чулев рече дека МВР ги следци сите тие активности.