Македонија
21. May 2020 - 16:58

Чулев против 58 часовен карантин, бара награда за полицајците

Министерот за внатрешни работи се противи на 58 часовниот карантин за празничниот викенд. Во пладневните вести на Сител, Чулев потенцираше дека на граѓаните мора да им се остави одреден временски период за да ги завршат приватните обврски. Овој личен став го истакнал и на утринскиот состанок на Кризниот штаб.

„Мојот став е дека секое продолжување на ограничување на движењето на луѓето, вклучително и овој пат кога е во траење од 58 часа не е добро од причина што граѓаните се под интензивен притисок, бидејќи овие мерки траат повеќе од два и пол месеци и секое продолжување на движењето не е добро за нивното психофизичко и ментално здравје“, изјави министерот Чулев.

Ако Владата сепак го прифати барањето на комисијата за заразни болести, Чулев вели дека МВР ќе постапува согласно препораките. Апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита на своите здравје.

До Владата министерот за внатрешни работи ќе го достави своето барање за еднократна награда од 15.000 денари за припадниците на МВР. На ваков начин смета дека државата ќе им се заблагодари за секојдневниот ангажман, но и ќе ги мотивира за уште поголем придонес во иднина.

„Припадниците на МВР се во првите борбени редови заедно со припадниците на Министерството за здравство и тие деноноќно се на пунктовите, под секакви атмосферски влијанија и најпожртвувано и по цена и ризикот на сопственото здравје и здравјето на семејствата ги спроведуваат најдоследно и најпрофесионално сите одлуки и мерки на владата. Наградата е линеарна, значи ние не ги двоиме по функција колегите од МВР туку сите кои што директно учествуваа во борбата со справување со корона вирусот ќе ја добијат заслужената награда во еднократен износ линеарно од 15.000 денари“, вели Чулев.

Зад оваа одлука Чулев вели дека нема никаква политичка позадина и токму затоа не стравува од обвинувања за предизворен поткуп од страна на власта.