Македонија
15. July 2020 - 21:55

Чулев: Приведени 8 лица, а пријавени вкупно 151 настан

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, денешните предвремени парламентарни избори, кои се одржаа во исклучително тешки услови во време на пандемија, ги оцени како фер и демократски. Чулев на прес-конференција рече дека заклучно со 20 часот на сите 8 сектори за внатрешни работи пријавени се вкупно 151 настан, од кои за 31 настан наводите не се потврдени, а констатирани се 9 прекршоци.

„Заклучно до 20 часот на сите 8 сектори за внатрешни работи пријавени се вкупно 151 настан, од кој за 31 настан наводите не се потврдени, а констатирани се 9 прекршоци, 3 за лажно пријавување на настан, 3 за викање и карање на јавно место...Приведени се 8 лица од кои 4 за фотографирање, 3 за сторени прекршоци и едно кај кое било најдено гласачко ливче. Најмногу прекршоци се пријавени на подрачјето на СВР Струмица, вкупно 38 , 31 Скопје и Штип, Битола 23, Куманово 14, Тетово 6 и Велес 5, а најмалку односно 3 во Охрид. Пријавите во најголем дел се за агитирање вкупно 75, 29 за давање поткуп, 5 за нарушување на ЈРМ, 2 за физички напади", изјави Чулев.

Министерот за внатрешни работи посочи дека генерална констатација негова, како и на неговите колеги во МВР што работеле на изборите, е дека овие парламентарни избори минаа во мирна, фер и демократска атмосфера кои се доказ дека граѓаните се совесни, но и МВР функционира според Уставот и законите.

„Задоволство ми е што како министер во техничката влада успеавме во исклучително тешки околности да го дадеме својот максимум да ја обезбедиме безбедноста на овие парламентарни избори“, дополни Чулев.