Македонија
10. July 2020 - 16:35

Чулев го обвини СДСМ за изборен поткуп - Петровска демантира оценувајќи ги неговите обиди како очајнички

Министерот за внтрешни работи Наке Чулев, на својот фејсбук профил објави дека сопственик на продавница во ромското маало во Штип, ветувал дека ќе им ги прости долговите на над 100 купувачи доколку гласаат за СДСМ. По добиените оперативни сознанија дека лицето Д.А. поседува поголем број на лични карти и пасоши на свои сограѓани, кои биле оставени како залог, Чулев информира дека е извршен претрес во продавницата за прехрамбени продукти. При претресот се пронајдени 4 тетратки А4 формат со список на имиња, 69 биометри и 6 стари лични карти, 18 биометриски и исто толку обични пасоши, 1 дозвола за претстој и една здравствена легитимација. Според Чулев, пронајдените предмети со потврда дека се работи за Кривично дело ,,Поткуп при избори и гласање“ од чл.162 од КЗ. 

Веднаш потоа на фејсбук се огласи и дополнителната заменичка министер на МВР, Славјанка Петровска, која соопшти дека сите сослушани граѓани чии лични документи се најдени во продавницата не им се земени заради поткуп, туку заради долг. Според неа ова не е кривично дело поврзано со изборите, туку од областа на економскиот криминал кое треба да се докаже. Очајници прават очајни потези, вели Петровска и го обвинува Чулев дека ја злоупотребува позицијата министер на МВР, со тоа што соопштува невистини, во време кога истрагата е во тек. 

Очигледно министерот и заменик дополнителната министерка имаат дијаметрално спротиставени позиции во однос на случајот. Чулев апелира до граѓаните да ја пријават секоја активности со која се крши или попречува нивното избирачко право, а Петровска ги повика припадниците на МВР да не подлегнуваат на партиските притисоци.