Македонија
28. May 2020 - 16:42

Чулев: АНБ и натаму има пристап до уредите за прислушување, што е спротивно на законот

Во Агенцијата за национална безбедност и натаму има техничка можност да се врши прислушкување. Ова преставува кршење на Законот, но и на препораките на Прибе, обвини министерот Чулев.

Констатира дека ова е неспроведување на една од клучните реформи која се однесува на следењето на комуникациите.

“Оптичкиот кабел, кој наместо од Оперативно техничката агенција директно да оди до МВР, продолжува и до АНБ. Јас не тврдам дека Агенцијата прислушкува и врши незаконско прислушкување но техничката можност е останата…”

Реформата во секторот од каде што произлезе еден од најголемите безбедносни предизвици со кој се има соочено Македонија, предвидуваше згаснување на УБК и формирање на Агенцијата за национална безбедност, самостојно тело надвор од ингеренциите на МВР.

Дополнително беше формирана Оперативно – техничката агенција, која е надлежна да обезбеди техничка поддршка за прислушкување, исклучиво по наредба од Јавен обвинител.

Чулев сега тврди дека фактички, состојбата во разузнавачкиот сектор останала непроменета и го повика Обвинителството да отвори случај по допрен глас.

На неговите наоди реагираше премиерот и поранешниот прв човек во МВР, кој спротивно на Чулев, вели дека АНБ има право да следи електронски комуникации

Спасовски воедно дополни дека начинот на водење на сите постапки и истраги се одвиваат како што е пропишано во законот.