Македонија
17. јуни 2021 - 14:14

Човечки фактор е можен причинител за горењето на дивите депонии кај Гевгелија

Човечки фактор или самозапалување поради составот на отпадот во дивите депонии се можни причини за повременото горење на дивите депонии кај Сува Река и месноста Милци, рече денеска гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков и најави активности кои ќе се преземат во најбрз можен рок за решавање на актуелниот проблем.

–Во последниот случај на горење и чадење на депонијата кај Сува Река мислам дека причина беше човечки фактор, бидејќи на тоа подрачје има лица со нерегулиран престој во општина Гевгелија кои собираат старо железо, пластика и стакло и секоја година ни го создаваат истиот проблем, истакна Поцков.

Градоначалникот посочи дека комуналните инспектори веќе биле на терен да ги идентификуваат лицата и оти повремениот оган се гаси со цистерна од ТППЕ Гевгелија и механизација од претпријатието „Комуналец“.

Овој горлив проблем на гевгеличани, посочи Поцков, дефинитивно ќе почне да се решава од наредната недела со најавените активности за дислокација на отпадот од дивите депонии кај Вардар во модерната депонија кај селото Конско, во подножјето на планината Кожуф.

–По дислокацијата на отпадот од депониите сместени на двете страни од брегот на реката Вардар ќе бидат поставени рампи за да се спречи пристапот до нив и се надевам дека со тоа засекогаш ќе го решиме проблемот со дивите депонии кај Сува Река и Милци како и со загадувањето на воздухот во Гевгелија, рече градоначалникот Сашо Поцков.