Свет
16. February 2016 - 18:12

Човечка грешка причина за судирот на двата воза во Баварија

Грешка на еден од железничките диспечери, е причина за судирот на двата воза во Баварија минатиот месец, во која загинаа 11, а беа повредени други 80 лица, соопшти денеска во Минхен обвинителот Волфганг Гизе.

Според него, диспечерот отворил зелено светло и за двата воза на линијата со еден колосек, а потоа се обидувал да ги предупреди двајцата машиновозачи.

Станува збор за 39-годишен вработен на Железницата, чиј идентитет засега не се открива. Обвинителството ќе подигне и формално обвинение против диспечерот за „ненамерно убиство“, за што може да биде осуден на казна затвор до пет години.

- Ако се придржувал до правилата на Железницата, несреќата немаше воопшто да се случи, изјави обвинителот Гизе.

Несреќата се случи минатиот месец кај местото Бад Ајблинг, околу 60 километри југоисточно од Минхен, при директен судир на два воза кои се движеле со брзина од околу 100 километри на час.

На местото на несреќата пругата има блага кривина, па машиновозачите не можеле да се видат речиси до последниот момент, при што и времето за кочење било мошне кусо.

Сите 11 загинати во несреќата се мажи на возраст меѓу 24 и 59 години.