Балкан
23. April 2021 - 11:39

Членовите на комисијата епидемиолози во Грција заштитени од одговорност и судски гонења

Со амандман од грчкото Министерство за здравство, штро Парламентот беше изгласан од пратениците на Нова демократија, членовите на комисиите инволвирани во справувањето со коронавирусот добија имунитет и се заштитени од судски гонења и одговорност, нешто што предизвика реакции во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Амандманот предвидува дека членовите на Националната комисија за заштита на јавното здравје од коронавирусот, на Комисијата за справување со итни случаи поврзани со јавното здравје и на Националната комисија за вакцинација, „немаат одговорност, не се гонат судски и нема да бидат проверувани за нивниот изразен став или начинот на гласање за време на извршувањето на нивните должности“, а единствено гонење е дозволено доколку постои клевета или навреда.

Од опозициската СИРИЗА побараа да се повлече амандманот, велејќи дека членовите на комисијата не само што не можат да се гонат судски, туку нема да можат ни да бидат повикани да сведочат пред судските органи за управувањето со пандемијата, „за случајно да не бидат откриени владините интервенции, а амандманот објаснува зошто веќе една година, владата на Мицотакис одбива да ги објави записниците од состаноците на комисијата“.

-Се потврдува нашата критика дека Мицотакис ги игнорира нивните препораки и епидемиолошки податоци и ги доведува научниците пред свршен чин и пред однапред донесени политички одлуки. Оваа одредба го нарушува авторитетот на Комисијата во јавноста и дава изобличен впечаток за нејзините членови, велат од СИРИЗА.

Портпаролот на партијата Насос Илиопулос коментираше дека Владата сака да ја скрие својата вина и да ги скрие „притисоците што ги вршеше врз експертите“, додавајќи дека одговорноста за одлуките е на Владата и е чисто политичка.