Македонија
27. January 2021 - 17:10

Членовите на „Јавна соба“ со закани кон девојката која ги пријави

Членовите на “Јавна соба” ја бараат девојката која пријавила во полиција дека нејзина фотографија била злоупотребена во групата. Во текот на вечерта можеа да се прочитаат вулгарности и навреди упатени кон неа, имаше и такви кои директно и прашуваат која е и каде живее.

Една година по скандалот на групата на Телеграм и понатаму се објавуваат експлицитни фотографии од девојки и момчиња, дел од нив се и малолетници. Помеѓу повеќе од 5000 членови се споделуваат и злоупотребуваат лични профили од други социјални мрежи, дури и телефонски броеви и лични податоци.

Од МВР велат дека работат на расчистување на случајот и прават напори за затворање на групата.

-Ги повикувам сите кои се оштетени да пријават во најблиската полициска станица, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

И во јавното обвинителство ги следат сите информации и за повторното активирање на “Јавна соба”, а предметот од пред една година бил во предистражна постапка.

Oдносно се врши детална форензичка анализа на извадените податоци од запленетите мобилни телефони со цел да се обезбедат докази за евентуално сторено кривично дело. Што се однесува до новата група со слична содржина, Јавното обвинителство ги следи информациите и ќе постапи доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, информираат од ЈОРМ.