Македонија
30. December 2019 - 11:39

Член на Судски совет осомничен за злоупотреба на службената положба

Петмина службеници од општина Тетово се приведени утринава под сомнение за незаконска легализација и приватизација на земјиште. Од обвинителството за организиран криминал и корупција велат дека по нивна наредба, за истиот случај, полицијата го бара бара и членот на судскиот совет, Зоран Теофиловски. Тој утринава не се појави на седница на советот која беше закажана за во 10 часот.

Освен петтемина вработени во општина Тетово и членот на Судски совет, од обвинителството велат со истрагата се опфатени уште четири лица. Сите се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување.

Според првичните информации, тие на нелегален начин присвоиле земјиште во државна сопственост а потоа истото и го легализирале за потребите на тениското спортско здружение Љуботен во време кога негов претседател бил членот на Судски совет, Теофиловски.

Од обвинителството велат дека истрагата за овој случај почнала на почетокот на годинава.

 

Зоран Јаневски