Македонија
14. October 2018 - 9:58

Чистење пропусти, регулациони корита и канали во Крива Паланка

Општина Крива Паланка спроведува акција за чистење плочести и пропусти на цевки, отворени канали, канавки и уредени регулациски корита на десетина локации во градскиот и приградски реон.

Од локалната самоуправа информираат дека се ангажирани пет невработени лица за вршење на јавни работи на подрачјето на градот и општината.

- Приоритет е даден на вадење на акумулираниот материјал под плочестите пропусти на магистралниот пат кај големите долови: Куков дол, Трештен и Домачки дол. Паралелно извршено е и чистење на отворениот канал покрај магистралната улица пред зградите на улица „Херој Карпош“ и на отворениот канал од бензинската пумпа до влезот во населбата Бегови бавчи. Спроведено е целосно чистење на уреденото регулационо корито на Белевски дол од браната до вливот во Крива Река, а прочистени се и двата цевчести пропусти под магистралата на влезот во градот, информираат од општина Крива Паланка.

Отстранет е над 50 кубни метри акумулиран земјен материјал, од кој, дел, со помош на јавното комунално претпријатие е транспортиран до соодветна локација, а останатиот дел ќе биде отстранет во наредниот период.

Акцијата продолжува во наредните две недели.