Македонија
8. јуни 2017 - 16:51

Чиј е пропустот, на семејството или образовниот процес?

Што добиваат и учат децата во семејството, училиштето и околината за на 14 годишна девојка да и биде нормално дечкото да и удира шамар или да ја влече за коса? Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека сите треба да бидеме загрижени за ваквите одговори на средношколки и многумина да се запрашаат каде научиле дека овој облик на насилство е нормална појава. Според Јовановска ваквото размислување на младината има длабоки корени во нашето општество.  Тинејџерка која дозволува грубост во врска нема самопочит и ќе биде зависна кога ќе влезе во брачна заедница.

-Таа ќе биде жена која не е свесна ниту за себе ниту за нејзината сила, таа ќе биде жена која ќе биде потчинета и нема да изгради нормален однос со сопругот. Но од друга нема да им биде лесно и на мажите, бидејќи тие со такви жени ќе бидат во заедница каде жените ќе бидат постојано зависни од нив,  вели Мирјана Јовановска Стојановска психолог.

Според психолозите многу фактори влијаат за ваквото чудно и загрижувачко размислување на младината. Од семјеството, околината па се до образовниот процес. Велат дека е неопходна соработка на сите за децата уште од мали нозе да научат што е насилство а што почитување.

-Недоволно се развиени овие процеси и родителскиот и образовниот..треба уште во градинка и момчињата и девојчињата да научат дека се личности, дека со нив треба да се однесувате со респект да нема казни. Но ние уште не сме почнале да работиме како што треба, вели Јовановска

Психолозите се категорични дека резултатите од последното истражување кај средношколци во Битола, Охрид и Ресен треба да биде аларм за надлежните и родителите да преземат конкретни чекори  ако сакаат децата да имаат самопочит и да живеат во семејства со љубов и разбирање.