Живот
14. July 2019 - 11:27

Четвртина од Американците не планираат да одат во пензија

Речиси една четвртина од граѓаните на САД не планираат да одат во пензија, покажува истражувањето на Центарот за истражување јавни политики на Асошиетед Прес.

Но, експертите тврдат дека болестите, повредите, отпуштањата и другите обврски честопати ги присилуваат постарите луѓе да престанат да работат пред да го посакаат тоа.

Според ова истражување, 23 отсто од работниците, меѓу кои речиси двајца од десетмина имаат преку 50 години, не очекуваат да престанат да работат. А, речиси четвртина сметаат дека ќе продолжат да работат и по 65 години.

Според официјалните статистики од јуни, приближно едно од пет лица постари од 65 години работат или активно бараат работа.

Инаку, истражувањето на АП на репрезентативен примерок од 1.423 луѓе беше спроведено во февруари оваа година.

Од младите 56 отсто не чувствуваат финансиска сигурност за пензија

Едно од прашањата беше колку тие се финансиски сигурни кога станува збор за пензии. Четиринаесет проценти од американските граѓани на возраст под 50 години и 29 проценти на возраст над 50 години рекоа дека се чувствуваат подготвени за пензионирање.

Четворица од десетмина возрасни лица изјавија дека се чувствуваат малку подготвени, а речиси една третина дека се неподготвени.

Од друга страна, 56 отсто од младите тврдат дека не се чувствуваат подготвени за пензија.

Четириесет и пет отсто од граѓаните сметаат дека подолгото останување на пазарот  на трудот е подобро за економијата

Од пензионерите, 38 отсто изјавиле дека биле многу добро подготвени кога заминувале во пензија, додека 25 отсто изјавиле дека не биле подготвени за пензија.

Покрај тоа, граѓаните на САД имаат поделени чувства околу тоа дека стареењето делува на пазарот на трудот и работниците – 39 отсто од нив мислат дека подолгото останување на пазарот на трудот е подобро за американските работници, додека 29 отсто мислат дека тоа не е добра работа, а 30 отсто се индиферентни по ова прашање.

Околу 45 отсто мислат дека подолгото останување на пазарот има позитивно влијание за американската економија.

Болести и повреди доведуваат до рано пензионирање

Само шест отсто од испитаниците изјавиле дека во пензија отишле пред да наполнат 50 години.

Но, останувањето на пазарот на трудот може да биде нереално за луѓето кои неочекувано ќе се разболат или повредат. Трошоците за лекување за нив и фактот дека немаат заштеди, доведуваат до зголемување на дневните трошоци.

– Луѓето како мене, кои се просечни работници, кога им се случува нешто неочекувано, може да изгубат сè поради трошоците за лекување, рече Лари Зарзецки, поранешен полицаец од Мериленд, кој престана да работи во четириесеттите години по добивањето тумор на десната рака. Кога имал 47 години, му била дијагностицирана Паркинсонова болест. Денес тој има 57 години и живее во Балтимор и е еден од основачите на непрофитната организација Movement Disorder Education and Exercise, која им помага на пациентите со Паркинсонова болест и слични болести.

Тој има пензија и здравствено осигурување, но годишно троши околу 3.000 долари за лекови.

– Не можам да си дозволам, ниту моето здравствено осигурување ќе ги одобри најновите лекови за Паркинсоновата болест, вели Зарзецки и додава дека луѓето како него мора да бираат дали парите ќе ги потрошат за лекување или за трошоци за греење.

Асошиетед Прес