Бизнис
5. August 2017 - 14:27

Четврти ден иста реторика во Собранието за ребалансот

Пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и на денешната собраниска седница ги спротивставија ставовите околу ребалансот на Буџетот.

Кратења во државната каса мора да има, истакнаа од владејачкото мнозинство, зашто, како што рекоа, претходната власт проектираше нереални суми со кои го оневозможи реализирањето на платите, пензиите, социјалните трансфери, здравствените услуги, субвенциите,...

Според опозицијата, пак, ребалансот е неразвоен, а со кратењата на наводните непродуктивни трошоци, новата Влада само сака да ги протурка популистичките мерки - минимална плата од 12.000 денари и укинување на радиодифузната такса, како и да озбеди пари за партиски вработувања.

- Буџетот за 2017 година е нереално проектиран, неразвоен и популистички. ВМРО-ДПМНЕ го скрои така заради парламентарните избори. Ги зголеми средствата во образованието и другите области, со што ги загрози исплатите на платите и пензиите, социјалните трансфери, здравствените услуги,...  Новата Влада ќе гради, нема да краде како претходната. Затоа, при креирањето на ребалансот, почна со кратењето на средствата за сопствените трошоци, рече Милева Горгиева од СДСМ.

Ѓулумсер Касапи потенцира дека ребалансот ги напушта мегаломанските проекти на претходната власт и продуктивно ги алоцира средствата. 

- Најголема придобивка од ребалансот е тоа што нуди одржлив рамномерен економски развој, рече Касапи.

Томислав Тунтев го повтори ставот дека ВМРО-ДПМНЕ за време на 11 години власт не успеа да креира буџет согласн перформансите на македонската економија - да враќа стари долгови и да создава пари за капитални инвестиции. 

Според Драган Цуклев, годинашниот ребаланс ќе помине со минимално внимание од јавноста зашто Македонија ја тресат идентитетски земјотреси. Тој се осврна и на, како што нагласи, проблемите во земјоделството, пожарите, поради што, рече, Владата допрва ќе се задолжува.

- Основна цел на ребалансот е да се намалат непродуктивните трошоци, но под превезот на ова е обезбедувањето пари за минимална плата и за укинување на РДТ како главни предизборни популистички ветувања на СДСМ, напомена Цуклев.

На тоа реплицираше Горгиева, обвинувајќи дека Цуклев зборува за пожарите, за да не дојдат до израз приоритетите на новата реформска Влада.

Испровоциран од излагањето на Кети Смилеска, Крсто Јовановски се задржа на дејноста култура во која, истакна, со ребалансот се скратени 4,5 милиони евра. - Тоа покажува дека СДСМ е режимот. Во држава која гради театри не може да има режим, туку обратно, онаму каде што се крати, има режим, значи режимот сте вие,посочи Јовановски.

Смилеска претходно укажа дека првпат некој премиер се откажува од средствата кои ги има на располагање само за да се корегираат нереално проектираните средства во Буџетот, зборуваше и за состојбата што новата Влада ја затекна во речиси сите сфери.

Иван Иванов праша како власта планира да привлекува странски инвестиции без економска промоција. Ги наброи и останатите ставки во кои се предвидени кратења на средствата, потенцирајќи дека СДСМ едно вели кога е во опозиција, а друго прави кога е на власт.

Ане Лашкоска, пак, ги повтори ставовите на ВМРО-ДПМНЕ околу, како што истакна, непродуктивноста на ребалансот и неговиот популизам, и констатира дека СДСМ не може да се соочи со реалните проблеми зашто никогаш нема изградено ниту еден објект.

Расправата продолжи со слична динамика, со меѓусебни препукувања околу оправданоста на ребалансот. Имаше и обвинувања дека за неполни 100 дена СДСМ ја урниса државата, на што следеа реплики дека ВМРО-ДПМНЕ претходно ја ограби и осиромаши. Земјоделците очекуваат субвенции, а не бегалци во своите општини, беше, исто така, една од забелешките.

Седницата е прекината поради редовната едночасовна пауза.