Свет
17. March 2022 - 12:19

Четврта недела од руската инвазија врз Украина

Руската воена операција во Украина влезе во четвртата недела. Ноќеска мета на руските ракети освен Киев, беше и Харков а медиумите во Украина јавуваат за 3 цивилни жртви при бомбардирањето. Во меѓувреме ослободен е и градоначалникот на Мелитопол, а руските медиуми јавуваат дека бил разменет за 9 мина руски војници заробени од Украинската армија.

Додека се одвива борбата на сите фронтови од источна Украина свои обраќања имаа и претседателите на двете земји. Рускиот лидер Путин истакна дека нема да им дозволи да руските предавници да ја уништат земјата.

Западот ќе се обиде да се потпре на таканаречената петта колона, на предавниците - на оние што заработуваат тука, а живеат таму. Не живеат во географска смисла, туку во смисла на нивните мисли, нивното ропско размислување. Секоја нација, особено рускиот народ, секогаш ќе може да ги разликува вистинските патриоти од џганот и предавниците и само да ги исплука како муви што случајно им влетале во уста, истакна Путин.

Неговиот Украински колега Зеленски пак  денеска имаше свое видео обраќање пред германските пратеници во Бундестагот. Тој рече дека помошта од Германија е закаснета и нема да ја спречи војната.

Русија ги бомбардира нашите градови и уништува се што е таму. За три недели загинаа многу Украинци, илјадници. Окупаторите убија 108 деца, среде Европа, кај нас, во годината 2022-ра. Повторно се прават обиди за уништување на цел еден народ во Европа. Урнете го овој ѕид, поддржете нè. Помогнете ни да ја запреме оваа војна, истакна Зеленски, обраќајќи му се на германскиот канцелар Шолц.

По последните преговори меѓу двете страни за денеска е предвидоно отворање на 9 коридори за евакуација на цивилното населени од опколените градови.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков утрово инфромираше дека двете страни засега се суште далеку од постигнување на догвоор, со кој би се отворила можноста за лидерска средба меѓу двете земји.

Советот за безбедност на ОН па денеска ќе се состане на итен состанок за да се реши ескалацијата на хуманитарната криза во Украина. Последните информации од Украина се дека земјата од почетокот на воената криза ја напуштиле над 3 милиони украински државјани.