Свет
24. November 2015 - 20:29

Четиринаесет загинати при експлозија во автобус во Тунис

Најмалку 14 лица загинаа при експлозија во автобус, кој превезувал припадници на туниската претседателска гарда, на главната улица во Тунис, соопшти туниското Министерство за внатрешни работи.

Туниската национална телевизија Ватања објави дека експлозијата се случила на булеварот Мухамед Петти во центарот на главниот град на Тунис. 

Се уште не е познато што ја предизвикало експлозијата.

Инцидентот се случи десет дена откако туниските власти ги засилија безбедносните мерки во главниот град, во кој невобичаено има голем број на туристи.

Во текот на месецот туниските власти соопштија дека елиминирале група која планирала напади врз полициски станици и врз хотели во летувалиштето Сус, на околу 150 километри југоисточно од главниот град.

Луксузен хотел во Сус беше нападнат во јуни при што загинаа 38 луѓе, а при нападот врз музејот „Бардо“ во март загинаа 22 лица.