Македонија
16. January 2020 - 18:18

Четиричлено семејство повредено во сообраќајка кај поранешна велешка Порцеланка

Четири члена на едно семејство од село Горно Врановци – мајка, татко и две деца, се повредени попладнево во сообраќајна несреќа на патот после поранешна велешка Порцеланка, на свиокот кон село Горно Оризари во правец на Велес, кога се превртел автомобил марка Бе-Ем-Ве со велешки регистарски таблички со кој патувале жртвите.

Како што информира за МИА, портпаролот на ЈЗУ Општа болница Велес, др. Тодор Јаковлевски, двете возрасни лица се здобиле со тешки повреди и се во животна опасност, поради што по прегледот во велешката болница со возило на Итната медицинска помош се пренесени во Хируршките клиники во Скопје.

– Двете нивни деца се вон животна опасност, а на едното од нив хируршки тим на велешката Општа болница се подготвува да му изврши операција, изјави Јаковлевски.

Екипа на СВР Велес е на терен и врши увид и работи на утврдување на причините за сообраќајната несреќа.