Кошарка
20. September 2016 - 18:21

Четири претенденти за трофејот во кошаркарскиот Супер куп

 
 На заедничка прес-конференција одржана денеска во СЦ „Јане Сандански“ претставниците на четирите клубови учесници ги искажаа своите очекувања за претстојниот кошаркарски Супер куп на Македонија.
 
Најголем фаворит за освојување на трофејот е МЗТ Скопје Аеродром, додека својата шанса од втор план ќе ја чекаат Фени Индустри, Куманово и Карпош Соколи.
 
Тренерот на МЗТ Скопје, Емил Рајковиќ потенцира дека дури вчера првпат ги имал сите играчи на тренинг што е проблем за кој има малку време да го надмине.
 
-За нас ова е дел од подготовките со кои влегуваме во последната фаза. Вчера првпат одржавме тренинг со сите играчи, поради што ни треба време, а и натпревари за да се воиграме. Во таа насока ќе ги искористиме дуелите во Супер купот и на турнирот во Кавадарци нешто подоцна, се во функција на темпирање на формата за стартот на АБА-лигата, изјави Рајковиќ.
 
Предводникот на Фени Индустри, Љупчо Малинков фаворитската улога им ја препушти на аеродромци.
 
-Имавме доволно време да се подготвиме за овој натпревар. Очекувам да се прикажеме во добро светло и да бидеме достоен противник на фаворитот МЗТ Скопје кој оваа година ќе настапува во многу силни лиги. Ќе го искористиме овој Супер куп да направиме увид во формата пред почетокот на БИБЛ лигата.
 
Полуфиналниот дуел МЗТ Скопје Аеродром - Фени Индустри ќе се игра в четврток (22 септември) во 18 часот.
 
Истиот ден, во второто полуфинале, од 20:30 часот силите ќе ги одмерат Карпош Соколи и Куманово.
 
Тренерот на Куманово, Марјан Србиноски истакна дека неговиот тим е на почетокот од подготовките и пред Супер купот ќе има само неколку тренинзи.
 
-Вчера го направивме првиот посериозен тренинг во полн состав. Практично ова ќе ни биде прв натпревар во подготвителниотпериод за разлика од другите екипи. Карпош Соколи се силен тим, но ние ќе пробаме да ја искористиме секоја укажана шанса. Воедно ќе имам можност да го видам потенцијалот на новите засилување, рече шефотна стручниот штаб на Куманово.
 
И вториот македонски АБА лигаш, Карпош Соколи под водство на тренерот Синиша Матиќ се наоѓа во почетна фаза на подготовките.
 
-И ние како Куманово малку доцниме со подготовките. Пред десетина дена ни стигнаа двајца Американци и се уште не сме во полна форма. Супер купот не го сфаќаме како супер натпреварување, туку можност да видиме до каде сме со подготовките. Тоа не значи дека нема да дадеме максимум и да се обидеме да оствариме што подобар резултат, нагласи Матиќ.
 
Влезниците за полуфиналните дуели, како и за финалето закажано за в петок (23 септември) ќе чинат по 100 денари.
 
Трофејот освоен минатата година во Охрид ќе го барни МЗТ Скопје Аеродром.