Спорт плус
19. September 2016 - 16:52

Четири мерки за поддршка на спортот

Четири нови мерки со коишто ќе се поддржат спортските клубови и ќе се придонесе за развојот на спортот во државата најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
 
Во своето обраќање пред претставници на спортски федерации, клубови и пред спортисти, Груевски рече дека инвестицијата во спортот е инвестиција во младите и во јакнењето на спортскиот дух и здравиот живот.
 
- Инвестицијата во спортот е инвестиција во младите, во јакнењето на спортскиот дух, во здравиот живот, инвестиција во иднината на една држава, во промоција на државата, но и во достоинството и колективната радост, особено во моментите кога се постигнуваат значајни резултати, кога се претставува државата, истакна Груевски.  
 
Првата мерка предвидува приредувачите на игри на среќа во обложувалниците на месечна основа да одвојуваат 3 проценти од добивката, а приредувачите на игри на среќа во автомат клуб да одвојуваат 1,5 проценти од добивката за финансирање на спортски федерации чии диспциплини се олимписки, како и за Македонскиот олимписки комитет.
 
Средствата коишто се очекува по оваа основа да се добијат се околу 1,5 милиони евра. За реализација на оваа мерка ќе се пристапи кон носење на законски измени кои ќе влезат во собраниска процедура по претходна јавна расправа. Исто така треба да се утврди и правилник за распределба на средствата, односно се планира 65 осто од средствата да одат за колективни спортови, а 35 отсто за индивидуални спортови. 
 
Со втората мерка се предвидува компаниите коишто ќе финансираат спортски клубови, федерации и спортисти да бидат ослободени од дел од данокот на добивка. 
 
- Секоја компанија која дава вакво финасирање за кое ќе добие ослободување од данокот на добивка, може да е максимум во висина од 20 осто од нивната годишна добивка, додека за делот меѓу 20 и 30 отсто од добивката се ослободува 50 осто. Над 30 отсто од добивката не би имало ослободување на данок од добивка. На пример, компанија која има добивка доколку инвестира 200 илјади евра во некој спортски клуб или федерација, за истиот износ би била ослободена од плаќање данок на добивка кон државата. Доколку инвестира уште 100 илјади евра, за тие 100 илјади евра ќе биде ослободена од 50 илјади евра данок на добивка, појасни Груевски. 
 
Поради тоа што се поскапи спортови, поголемо ослободување од данокот на добивка ќе има доколку се финансира фудбалот, ракометот и кошарката. 
 
Третата мерка предвидува директно буџетско финансирање на спортови кои немаат своја лига. За оваа цел ќе бидат одвојувани до 700 илјади евра годишно. Првиот спорт кој ќе биде поддржан е боксот, а се размислува каратето за мажи и жени да биде вториот спорт којшто ќе биде поддржан. 
 
Со последната мерка се очекува да бидат ангажирани врвни спортски тренери од странство во спортските академии кои ќе помогнат во градењето на новите фудбалери, кошаркари, ракометари, тенисери.... Оваа мерка ќе почне да се применува од септември 2017-та и за таа цел веќе се обезбедени средства во буџетот предложен од Министерството за финансии. Првиот тренер ќе биде ангажиран со договор и ќе работи во Фудбалската академија во Скопје.
 
За сите овие мерки ќе има строго утврдени правила и критериуми за користење на средствата, а ќе биде изграден и механизам за надзор за трошење на средствата. Исто така ќе бидат предвидени и казни доколку се утврдат злоупотреби.
 
- Во периодот што следи ќе бидеме отворени за сугестии и насоки од спортистите, федерациите, и спортските работници, и други професионални  познавачи  на спортот кои ќе придонесат за носење на квалитетни решенија за напредок во спортот. Цврсто сум убеден во потенцијалот на македонските спортисти, но и во желбата и мотивираноста за успех. Наша обврска е подеднакво да се грижиме за сите сфери што се интерес на македонскиот граѓанин, а спортот е многу повеќе од обична игра. Тој е втемелувач на карактерот на човекот, колективно  задоволство а многу често и амбасадор на државата. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да гради и создава услови за развој. Граѓаните тоа го препознаваат и знаат дека ние тоа што ќе го ветиме, ќе го оствариме, рече Груевски. 
 
Во своето обраќање, тој се осврна и вложувањата во спорстката инфраструктура во изминатите 10 години, притоа посочувајќи дека се инвестирани над 100 милиони евра, изградени се 94 спортски сали 50 фудбалски игралишта за голем фудбал, 83 тениски терени, 64 повеќенаменски игралишта, пет фитнес зони, ....