Балкан
12. February 2016 - 20:53

Четири лица уапсени во нереди во Атина, десет полицајци повредени

Најмалку четири лица се уапсени, а десет полицајци повредени во денешните судири меѓу грчки фармери и полицијата во Атина за време на протест против пензиската реформа и зголемувањето на даноците.

Демонстрантите фрлаа врз полицајците домати и камења, кршеа прозорци на зградата на Министерството за аграрен развој и палеа контејнери на улицата.

Портпаролот на полицијата Никос Тоскас соопшти дека десет полицајци се повредени, а двајца од нив се хоспитализирани.

Друг претставник на полицијата рече дека фармерите се обиделе да го пробијат полицискиот кордон на влезот на Министерството, а службениците на редот употребиле солзавец за да ги запрат и уапсиле четири лица.

Судири меѓу земјоделците и полицијата избувнаа и на автопатот што води кон грчката престолнина.

Во Источна Грција фармерите со трактори заобиколија полициска патрола и го блокираа главниот пат кон атинскиот аеродром.

Во Атина вечерва се очекуваат масовни демонстрации на плоштадот Синтагма.