Македонија
6. April 2018 - 19:48

Четири лица приведени за инцидентот во Мала Речица - потешко повредениот во стабилна здравствена состојба

МВР приведе 4 лица учесници во синоќешната престрелка во Мала Речица, во која беше убиен Наип Реџепи од кумановскиот огранок на ДУИ. 22-годишниот Мисини кој се здоби со две прострелни рани и натаму е хоспитализиран на КАРИЛ. Извори од клиниката велат дека по извршената операција, здравствената состојба на момчето се подобрува.

Причините и мотивот за вооружениот инцидент во кој полесно беше повредено уште едно лице се уште се непознати. МВР и Јавното обвинителство  работат на расчистување на настанот, а во кусото соопштение се вели дека на местото на инцидентот се пронајдени  8 чаури од пиштолска муниција и една безбол палка.

ДУИ вчера преку писмено соопштение се огради од инцидентот кој се случи во близина на нивното седиште во тетовска Мала Речица, но албанските медиуми пишуваат дека на вооружената пресметка и претходела вербална расправија помеѓу две групи блиски до партијата на Ахмети. Неофицијално, причина за пресметката е изборот на нов претседател на партискиот огранок на ДУИ во Куманово, а убиениот Реџепи бил најсериозен кандидат. Медиумите потсетуваат дека Реџепи не е единиствениот ликвидиран кандидат за оваа позиција и дека на сличен начин пред три години беше убиен уште еден претендент за прв човек на кумановскиот огранок на ДУИ.