Македонија
3. December 2017 - 13:54

Четири кривични за лажна набавка на дивеч

Кривични пријави за двајца кривопаланчани, кратовец и еден скопјанец за манипулација со фактури за набавка на дивеч за ловиштата во Крива Паланка. Осомничените овозможиле лична корист за еден од нив, во висина од над три милиони денари, односно од ненабавени 160 диви свињи и 82 срни.

Како што соопшти МВР, пријавата е поднесена против М.Ѓ. (48) од Крива Паланка, технички секретар и ловочувар на ЗЛ „Осогов“ Крива Паланка, И.М.(42) од Крива Паланка, претседател на ЗЛ „Осогово“ Крива Паланка, З.В. (54) од Скопје, виш инспектор по ловство во Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Скопје и против Б.М. (56) од Кратово, инспектор за шумарство и ловство во Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Скопје, поради постоење основи на сомнение дека М.Ѓ. и И.М. сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и кривично дело „посебни случаи на фалсификување исправи“, а З.В. и Б.М. дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“.

По добивање на концесија за ЗЛ „Осогово“, М.Ѓ. и И.М. од 2011 до 2017 година, како службени и одговорни лица во континуитет не ги  остварувале во целост обврските. Тие склучувале фиктивни договори за донација и спонзорства на храна, изготвувале фиктивни записници, при што секоја година предвидувале парични средства за набавка на дивеч и храна, за што добивале позитивно мислење од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Скопје, а до сега не набавиле дивеч за пари, односно само со донации и спонзорства. И.М. се потпишувал и претставувал на повеќе документи како Претседател на здружението, иако не бил регистриран во Централниот регистер на Република Македонија.

Инспекторите З.В. и Б.М. несовесно постапувале во вршење на своите овластувања и должности со повреда на законските прописи со пропуштање на должен надзор. Според МВР, тие спротивно на Законот за ловство и другите законски прописи, изготвувале Записници за извршен инспекциски надзор во кои не ги наведувале, контролирале и санкционирале  неисполнетите законски обврски на концесионерот од Крива Паланка, туку само наведувале документација која што им била приложена на лице место при контролата.

На тој начин му овозможиле на М.Ѓ. за себе да прибави противправна имотна корист од фиктивна набавка на дивеч и храна за дивечот во вкупен износ од околу 3.086.210 денари.