Свет
18. February 2016 - 8:37

Четири источноевропски членки на ЕУ може да го блокираат договорот на Брисел со Лондон

Четири земји-членки на ЕУ од Источна Европа, Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, може да го блокираат договорот на Брисел со Лондон, за британските предлози за реформирање на Унијата, што би требало да се прифати на Самитот кој почнува попладнево, јавуваат британските медиуми.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во специјално писмо до политичките лидери на сите членки на ЕУ, побарал да бидат „максимално конструктивни„ во текот на дводенвниот Самит.

Доцна синоќа беше изготвена нова верзија на нацрт-договорот што денеска ќе им биде понуден за усвојување на европските лидери.

Туск за Би-Би-Си, изјави дека „ЕУ нема друг избор, освен да се постигне согласност околу британските предлози„ иако предупреди дека нема гаранции, оти договорот ќе биде прифатен.

Самитот почнува попладневоо, но контроверзните прашања, како што е делот за социјалните бенифиции за мигрантите од ЕУ и британскиот предлог тие да се блокираат во првите четири години од нивниот престој и работа во Британија, ќе мора конечно да се „испеглаат„ во текот на Самитот.

Медиумите во Лондон пишуваат дека постои „источна закана„ за договорот со Брисел, како и дека за „источната четворка„ договорената „кочница за вонредни ситуации„ кога станува збор за мигрантите од ЕУ, продолжува да биде „неприфатлива„.

Владата на Полска останува на ставот дека се потребни гаранции за да се спречи „дискриминацијата„ на полските државјани.

Чешка и Словачка имаат исто барање, за тоа дека со планираните британски реформи, треба да бидат опфатени само новите апликанти за социјални бенифиции, а не и оние мигранти кои веќе живеат и работат во Британија.

Словачкиот министер за Европа, Иван Корчок во разговор за Би-Би-Си рече дека „тешко ќе се обезбеди согласност„ ако Лондон нема респект за ваквото барање.

Претставник на Даунинг струт 10, меѓутоа, синоќа одби да каже каква е британското гледање за заедничката чешко-словачка позиција.

Кабинетот на британскиот премиер Дејвид Камерон не ги коментираше и најавите на некои медиуми дека денеска во Брисел, и Франција би можела да се спротивстави на делот од договорот со ЕУ, околу финансиското регулирање и британското инсистирање за заштита за земјите членки на Унијата кои не се дел од еврозоната.