Четири фудбалски селекции „во акција“ | Сител Телевизија
Loading Video...
Фудбал
19. March 2018 - 14:33

Четири фудбалски селекции „во акција“

Четири македонски фудбалски репрезентации во претстојниот период од 21 до 27 март ќе бидат активни. Единствено сениорите ќе одиграат пријателски натпревари, додека трите младински ќе играат официјални квалификациски мечеви.
 
Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија веќе е во Анталија, каде ќе одработи мини подготовки за престоните пријателски дуели. Првиот црвено-жолтите ќе го играат на 23 март (петок) против Финска, додека на 27 март (понеделник) противник ќе биде  Азербејџан. Двата меча ќе се играат во терминот од 17 часот. 
 
А, денеска Благоја Милевски селекторот на младата репрезентација до 21 година, ја имаше првата прозивка за претстојните два квалификациски меча. Првиот младинците ќе го одиграат во Скопје во петок (23 март од 14 часот) кога за противник ќе ја имаат селекцијата на Русија, додека пет дена подоцна (28 март од 18 часот) патуваа во Австрија. Во пресрет на овие натпревари Македонија е на последното шесто место со 3 бодови од четири одиграни натпревари, додека Русија е втора со 10 бода, а Австрија трета со еден помалку. 
 
А, веќе задутре, репрезентациите до 19 и 17 години ќе ги играат квалификациските натпревари. 
 
Јуниорската (до 19 години) ќе биде домаќин на натпреварите од втората квалификациска група во која редоследон за противници ќе ги има врсниците од Летонија (21 март), Унгарија (24 март) и Англија (27 март).  Сите натпревари ќе започнуваат во тремниот од 14 часот, а ќе се играат на арената „Филип Втори“ и теренот „Петар Милошевски“ крај ФФМ, на кој ќе настапат црвено-жолтите.
 
Најмладите, односно репрезентацијата до 17 години, ќе игра во Елитната квалификациска рунда за пласман на ЕП во Англија.  На турнирот во Полска, избраниците на селекторот Горан Станиќ во среда (21 март) ќе играат против Р. Ирска, а потоа следуваат дуелите против домаќинот Полска (на 24 март) и дуел против Грузија.