Македонија
19. January 2020 - 11:15

Честитка од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод христијанскиот празник Богојавление-Водици

До: Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан

Дозволете ми од мое и од името на ВМРО-ДПМНЕ, Вам лично, на Вашето свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Република Македонија и во дијаспората да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление, Водици.

Со продолжување на вековната традиција на овој ден ја потврдуваме нашата верба во Бога и посветеноста на традиционалните вредности. Христијанските вредности, љубовта, добрината, хуманост и проштевањето нека ни бидат ѕвезда водилка во нашите животи.

Денешниот голем празник е симбол на новиот почеток и духовното раѓање, пример за сите верници христијани за патот по кој тие треба да чекорат. Шансата значи нов почеток, оваа година, овој празник нека е симбол за обновата на Република Македонија, која насушно е потребна.

Треба да завршат времињата кога граѓаните се оставани на страна, кога политичарите се ставаат над интересите на државата и кога политиката ја има во секоја пора општество делејќи го народот, создавајќи конфликти. Нашиот народ е помудар од политичарите кои се реликвија на сите лоши времиња на овој народ и земја.

Сите заедно сплотени, обединети во традиционалните вредности да си ја обновиме државата, да ја кренеме главата гордо високо и да им ставиме крај на поразите. На државата и е потребна работа и проекти, раст и напредок, да си ја вратиме назад националната гордост.

Ви посакувам многу здравје, радост, среќа и бериќет на овој ден и низ целата година. Следува обновата, обновата за Македонија.

Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник!

БОГ СЕ ЈАВИ!

НАВИСТИНА СЕ ЈАВИ!

Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ