Македонија
8. April 2018 - 15:26

Честитка од претседателот Иванов по повод Меѓународниот ден на Ромите

Осми април е меѓународен ден посветен на културата и на историјата на Ромите што во Република Македонија се прославува на највисоко ниво. Ромската заедница е нераскинлив дел од македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество. Она што го држи нашето општество заедно е уникатниот модел на соживот и почитувањето на различноста, се наведува во честитката од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на  8 Aприл –Меѓународниот ден на Ромите.

Република Македонија, се додава, е онолку успешна колку што се успешни сите нејзини граѓани и затоа, постојано се работи за да се унапреди социоекономската, политичката, културната и позицијата на Ромите во општеството.

- Учеството во локалната самоуправа, законодавната и извршната власт, наставата и емисиите на ромски јазик се само дел од стекнатите права на ромската заедница, кои никој нема право да ги доведува во прашање. Свесни сме дека претстои уште многу работа бидејќи сè уште постојат стереотипи, предрасуди, но и наследени нерамномерни економски односи коишто се пречка за остварување на целосниот потенцијал на ромската заедница. Треба уште многу работа за да ја постигнеме посакуваната цел – еднакви можности и права како предуслов за достоинствен живот за секој припадник на ромската заедница во Република Македонија, се истакнува во честитката.

- Честитајќи ви го денешниот празник, уверен сум дека и во иднина заедно ќе работиме за доброто на нашата држава и на нашите сограѓани, почитувајќи го принципот на еднаквост, недискриминација и владеење на правото, стои во честитката од претседателот Иванов.