Македонија
2. August 2016 - 14:26

Честитка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по повод Илинден

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ на граѓаните на Република Македонија им го честита најголемиот празник 2 Август - Илинден.

- Овој голем празник претставува симбол за македонската непокор, желба и одлучност денес да живееме во слободна и независна Република Македонија, стои во честитката.

На овој ден, како што посочуваат, ги чествуваме славните и храбрите Илинденци кои го жртвувале својот живот за татковината како и мудрите и пожртвувани припадници на Народнослободителната војска кои се нераскинлив дел од модерна Македонија.

- Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ и претставници на народот, упатуваме повик до сите граѓани на Македонија за зацврстување на меѓусебната почит, разбирање и сплотени сите заедно да ја чуваме државноста, сувереноста и независноста на Република Македонија. Сакајќи и почитувајќи ја сопствената татковина правиме сигурна и безбедна иднина за нас и за нашите идни поколенија, се наведува во честитката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.