Македонија
7. January 2017 - 11:10

Честитка од министерот Јолевски по повод Божик

Министерот за одбрана Зоран Јолевски на сите вработени во Министерството, припадници на Армијата и сите граѓани на Република Македонија од православна вероисповед им го честита Исусовото раѓање – Божик.

- Божик е најсветлиот, најрадосниот празник за христијаните. Денот на Исусовото раѓање е ден кој ни дава надеж, ден на кој се присетуваме дека мирот и спокојството, вербата во луѓето и правењето добро еден на друг се највозвишените вредности кои треба да нè водат во животот. Раѓањето Христово е празник кој нè радува, обединува и обврзува да ги споделуваме и на другите посакуваме желбите што си ги посакуваме самите себеси. Нека нашите срца биде исполнети со радост, среќа, почит, добрина и љубов, а овие вредности нè водат во годината пред нас. Така ќе бидеме посилни да се справиме со предизвиците со кои се сретнуваме секој ден, во домот и на работа. Апостол Павле им порачува на Филипјаните да мислат само на она што е чесно, што е праведно, што е прекрасно и за восхит и истото да го применуваат во нивниот живот“, посочува Јолевски во честитката.

На овој ден, додава, се присетуваме на сето она што припадниците на Армијата го прават за мирот и благосостојбата на другите, во и вон Република Македонија.

- Тие жртвуваат дел од себе и од традицијата да се биде со најблиските за да дадат непроценлив придонес кон добробитот на другите, за што сме им неизмерно благодарни, потенцира Јолевски во честитката по повод Божик.