Македонија
25. јуни 2017 - 9:38

Честитка од министерката Шекеринска по повод Рамазан Бајрам

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска упати честитка до граѓаните во Република Македонија од исламска вероисповед по повод празникот Рамазан Бајрам.

- Дозволете ми да ви го честитам празникот Рамазан Бајрам и завршувањето на рамазанските пости. Овој свет празник нека донесе душевен мир, трпение, разбирање и љубов. Нашата цел е да ги исползуваме различностите да нè направат посилни. Тоа е силата на Република Македонија, се наведува во честитката.

Во неа се додава дека празникот ни овозможува да ја зацврстиме меѓусебната почит и со заеднички сили да изградиме Армија и одбрана достојна за сите. Овие институции, се истакнува, ги градиме како гарант на нашата државност, слободата и независноста на нашата заедничка татковина.

Во честитката стои дека сите заедници во Република Македонија знаат меѓусебно да се почитуваат и знаат со заеднички сили да го чуваат она што за сите нас е најзначајно – слободата, сигурноста и демократијата. Тоа е единствениот пат кон заедничко, правично и просперитетно општество со еднакви можности и достоинствен живот за сите.

- Убедена сум, се вели во честитката, дека заедно ќе ги достигнеме сите цели, на патот кон вистинско демократско и просперитетно општество.