Македонија
24. May 2020 - 10:32

Честитка од Мицкоски и Заев по повод верскиот празник Фитер Бајрам

Претседателите на најголемите политички партии во нашата држава го честитаа празникот Фитер Бајрам на сите припадници на исламската вероисповест.

Честитка упаати претседателот на СДСМ Зоран Заев до сите верници од Исламска вероисповед, по повод верскиот празник Фитер Бајрам.

– Празникот на Фитер Бајрам како еден од најзначајните датуми во Исламскиот календар, го означува крајот на светиот месец Рамазан. Духот и патот на верникот е тесно поврзан со прочистување на душата и мислата преку молитви, храброста да му се спротивставува на злото, насилството, злоупотребата, нарушувањето и уништувањето на чистите вредности, се вели во честитката од Заев.

Во текот на овој месец, порачува, поминавте низ големи искушенија и предизвици оставајќи ги на страна сите лични потребни и суети, со цел приближување и восвишување кон семоќниот Господ. Иако годинава месецот Рамазан беше проследен преку бројни мерки и рестрикции како резултат на глобалната пандемија на Коронавирусот, вие пак достоиствено издрживте и ја исполнивте оваа годишна обврска која што во Исламот е една од главните столбови на верата.

– Како значајни политички чинители во општеството, водиме грижа и преземаме максимална одговорност кон зачувување на здравјето, достоинството и благосостојбата на сите наши граѓани. Преку воспоставување на професионалност, независност и демократизација на државните институции, нашата земја заедно со вас со сиурни чекори ги реализира своите аспирации и определби кон европското семејство, каде што припаѓаме, стои во честитката од Заев.

На сите верници од Исламската вероисповед, во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како и во мое лично име Ви го честитам големиот празник Фитер Бајрам.

– Ви посакувам овие празнични денови да ги поминете со вашите најблиски и најсакани, во мир, лубов, спокојство и меѓусебно разбирање!, вели во честитката претседателот на СДСМ Зоран Заев. 

Празникот на муслиманите во нашата држава им го честиташе и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Почитувани верници од исламска вероисповед, дозволете ми од мое и од име на ВМРО-ДПМНЕ да Ви го честитам празникот Рамазан Бајрам. Ви посакувам добро здравје, среќа, мир и благосостојба во вашите домови. Денешниот празник не учи на хуманост, меѓусебно помагање и почит еден кон друг.

Традицијата е она што не обединува, а не што не разделува, со векови христијаните и муслиманите живееле на овие простори и заеднички празнувале, се радувале, но и тагувале. Треба и да продолжиме понатаму градејќи заедничка иднина за Македонија.

Само заедно и сплотени можеме да изградиме држава во која нашите деца ќе сакаат да живеат, наместо среќата да ја бараат што подалеку од своето родно огниште.

Живееме во тешки времиња кога целиот свет се справува со светска пандемија, сите граѓани без разлика на верската и етничката припадност го споделуваат тешкиот живот. Покрај здравствената криза имаме и тешка економска криза, и силна ерозија на моралните вредности. Живееме во време кога правдата не е достижна, кога власта е прва во рекетот, наместо справување со него, кога наместо едно општество за сите, прави поделби, внесува раздор и прави дискриминација. Делиме исти маки, исти проблеми, една заедничка судбина, и затоа одлуките ќе ги донесеме заеднички и заеднички ќе се избориме за обнова и подобра иднина.

Уште еднаш од се срце Ви посакувам овие празнични мигови и денешниот ден да Ви донесат среќа и благосостојба на вам и вашите семејства.