Македонија
8. September 2016 - 18:25

Честитка од лидерот на СДСМ Зоран Заев

-Денес Македонија слави значаен јубилеј – 25 години од својата самостојност. Треба да сме среќни и горди на тој јубилеј, но треба и да се подзамислиме дали Македонија доживеа вистински развој за овие 25 години. Време е да го воскреснеме култното прашање на Крсте Петков Мисирков – „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за напрет.“ Ако одговориме дека доволно сме направиле за Македонија, тогаш го лажеме и народот, но се лажеме и самите себе. Македонија не можеме да ја излажеме. Таа знае колку доби од она што го заслужи. Но затоа, можеме по вториот дел од прашањето, да бидеме поодговорни, посериозни и поангажирани и да направиме многу за Македонија и за сите луѓе кои живеат во неа. Тоа ќе го сториме, само ако ги поправиме грешките од минатото и денес. Тоа ќе го сториме, само ако вистински си ја сакаме татковината. Време е да ја видиме Македонија сплотена, просперитетна, економски напредна и целосно интегрирана во ЕУ и НАТО. Само така самостојноста на државата ќе ја славиме среќни за вечни времиња. Нека ни е честит денот денешен. Нека ни е вековита Република Македонија и нејзината самостојност, се вели во честитката упатена од лидерот на СДСМ Зоран Заев.