Македонија
23. May 2017 - 12:47

Честитка од Иванов по повод Националниот ден на Власите

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати честитка до сите припадници на Влашката заедница по повод одбележувањето на 23 Mај, Националниот ден на Власите.

- Почитувани сограѓани, на 23 мај го празнуваме денот кога во 1905 година Османлиската Империја донесе Ираде со кое Власите конечно беа признаени како посебен народ со свој јазик и со своја култура. Ирадето отвори ново поглавје во долгата и богата историја на Влашкиот народ. Иако империјата исчезна, дел од нејзиното наследство продолжи да опстојува. Република Македонија го наследи и го усоврши моделот на соживот, почитување и прифаќање на различноста, се вели во честитката.

Водејќи се од принцпот на Универзалната декларација на човековите права дека „признавањето на вроденото достоинство и на еднаквите и неотуѓиви права на сите членови на човештвото се темелите на слободата, правдата и мирот во светот“, се посочува, Република Македонија постави исклучително високи стандарди на гарантирање и почитување на правата на заедниците.

- Една од тие заедници е, секако, Влашката. Влашката заедница во земјава е уставно признаена и општествено ценета. А има и зошто. Меѓу Власите има бројни преродбеници, борци и револуционери кои сесрдно се вклучија во македонската борба за слобода, државност и независност. Меѓу Власите има бројни политички, културни и општествени дејци кои непосредно учествуваа во градењето на демократска Република Македонија. И за тоа сме многу благодарни, се вели во честитката.

Односот на Власите кон државата Република Македонија и кон своите сограѓани од другите етнички заедници, се истакнува, може да послужи како пример за градење и за негување на меѓусебна доверба, која е потреба на секој поединец и врзивно ткиво на целото наше општество. 

- Честитајќи го празникот, ве уверувам дека и во иднина ќе продолжиме заеднички да деjствуваме и да ја негуваме традицијата, градејќи просперитетна иднина за генерациите што доаѓаат, стои во честитката од Иванов до припадниците на влашката заедница во Македонија.