Свет
28. April 2016 - 23:24

Чесите со најниска доверба во ЕУ од стапувањето во Унијата

Довербата на Чесите во Европската унија е на најниско ниво од 2003 година, кога на референдум изгласаа влегување на земјата во Унијата.

Ова го покажува најновата анкета на Центарот за истражување на јавното мислење (ЦВВМ) на чешката Академија на науките, јави дописникот на МИА од Прага. 
Во Унијата, веруваат само околу една третина луѓе, а најголемиот пад на довербата се случил во последната година за време на миграциската криза. 
Според истражувањето на ЦЦВМ, од крајот на минатата година, повеќе од четири петтини Чеси ги гледаат негативно активностите на земјите - членки на ЕУ во врска со миграциската криза. 
Минатата година, во април, во ЕУ верувале 52 проценти од анкетираните, додека сега тој процент е 37. 
Во времето на влегувањето на Чешка во ЕУ во мај 2004 година, во Унијата верувале речиси две третини Чеси.
Чешките граѓани уште помала доверба имаат во институциите на ЕУ. 
Во Европскиот парламент (ЕП) и Европската комисија (ЕК) веруваат една четвртина Чеси, а во европскиот претседател и министерката за надворешни работи само една петтина. 
Значително опаѓање на довербата, е забележано во анкетата и кон Организацијата на Обединетите нации (ООН) и Северноатлантската алијанса (НАТО).
Довербата во ОН опаднала од 68 на 53 проценти, а довербата во НАТО од 62 на 50 проценти. 
Анкетата на ЦВВМ е направена во перидот од 4-11 април, со 1.063 учесници над 15 години.