Македонија
23. July 2016 - 15:47

Чешка ќе разгледува останување на полицискиот контингент во Македонија

Чешката Влада идната недела ќе  одлучува за странските мисии на чешките полицајци во Унгарија и Македонија, јави дописникот на МИА од Прага.

- Македонија и Унгарија од Чешка побараа дополнителен контингент од полицајци за штитење на Шенгенската граница. Партнерите треба да си помагаат, информацијата ја испративме за разгледување на Владина седница, напиша на Твитер министерот за внатрешни работи, Милан Хованец.

Доколку Владата не биде против предлогот, според министерот Хованец, мисијата која сега се наоѓа во Република Македонија ќе продолжи, а во Унгарија ќе почне во септември со пристигнување на 50 полицајци.

Чешките полицајци во Македонија престојуваат најчесто во околината на Гевгелија, каде заедно со македонските колеги патролираат кон Шенгенската граница со Грција. 

Моментално во Македонија се наоѓа третиот полициски чешки контингент составен од 40 полицајци.

Чешките полицајци поради миграциската криза помагаат и во Грција, Словачка и Унгарија.