Свет
27. April 2016 - 19:18

Чешка ќе ги преземе првите четворица сириски бегалци според квотата на ЕУ

Чешка од Грција ќе прими едно четиричлено семејство, бегалци од Сирија, како дел од обврзувачките квоти на Европската унија, објави чешкото Министерство за внатрешни работи во редовниот Извештај за миграција, јави дописникот на МИА од Прага. 

Претходно, во Чешка требало да пристигнат седуммина, но тројца се откажале и ја напуштиле Грција. 

-Чешка ги прифати првите четири лица, едно семејство Сиријци. Тие сега се во прифатен центар и треба да ги поминат стандардните процедури за прием, изјави Кирил Христов, портпаролот на Заводот кој ги води прифатните центри во земјата.

Чешка, треба до крајот на 2017 година да прими 2.691 лице од медитеранските земји кои се соочуваат со најголем број на бегалци. 

Прага, првично вети дека од Грција и Италија ќе прими 1.100 бегалци, но нивниот број по понатамошните преговори со ЕУ се прошири за 1.591 лице, иако чешките претставници беа против зголемувањето на квотите. 

Земјата во февруари, понуди преземање на првите 20 бегалци од Грција и десет од Италија.