Македонија
13. July 2019 - 8:58

Чешиново-Облешево – рајот за белиот штрк

Огромен број птици преселници со своето доаѓање во рана пролет го украсуваат небото над Кочанската котлина, најавувајќи го будењето на природата по студените зимски месеци. Особено впечатлив е летот на белите штркови, кои со широко раширени крилја над покривите на куќите и високите дрвја ги бараат своите гнезда што ги оставиле претходната есен. Карактеристичниот звук од штракањето со клуновите и вртењето во круг околу одредено место го изразува задоволството од успешноста на потрагата, затоа што повторно ќе одгледаат ново потомство.

Со враќањето на птиците се враќа и живоста во селските населби, сместени во долината што со векови е позната по производството на ориз. Овдешните жители со ведрина и радост го поздравуваат првото надлетување на штрковите, најавувајќи им дека е време за подготовка на оризовите ниви за новата производна сезона. Токму тие ниви, исполнети со вода и оризови стебла, се долговековната врска меѓу човекот и белиот штрк, затоа што им обезбедуваат храна и живот. За птиците жаби, змии, инсекти, а за луѓето – кочанското оризово бело злато.

Жителите на Чешиново-Облешево веќе десетина години, откако нивната општина беше зачленета во мрежата „Европско село на штркот,“ во средината на јуни го одбележуваат и Денот на белиот штрк. Во тие рамки, годинава германската фондација „Еуронатур“, која е носител на мрежата, токму на оваа општина ѝ го довери организирањето на редовната дводневна конференција, на која присуствуваа претставници од 15 европски земји членки, а во која се вклучија и Програмата за заштита на природата во Македонија, Македонското еколошко друштво и Центарот за развој на Источниот плански регион.

-Општината Чешиново-Облешево е рај за белиот штрк. Тоа е подрачје со најголема популација на штркови во вашата земја, а посебен впечаток остава пријателскиот однос кон нив што го имаат овдешните луѓе. Затоа, со задоволство овие населени места ги вклучивме во нашата мрежа на европски села на штркот. Секако, секогаш има работи што можат да се подобрат, а една од тие активности што би сакале да се реализираат е да се намали употребата на пестициди и други хемикалии во земјоделското производство, особено кај оризот. Затоа, редовни теми на дискусии на годишните конференции ни се заштитата на природните живеалишта и подигањето на јавната свест кај населението за подобрување на условите за белиот штрк. Од она што го гледаме кај вас, може да се заклучи дека има одлична врска и грижа на луѓето кон птиците, поради што има и стабилна популација на штрковите, истакна Габриел Швадерер, извршен директор на фондацијата „Еуронатур“.

Со финансиска поддршка од 150 илјади швајцарски франци, што ја обезбеди Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), a во координација со „Фармахем“ oд Скопје, пролетва беа изградени два екопарка во селата Чешиново и Соколарци. Тие се опремени со инфокуќички, набљудувачници за птици, информативни табли со краток опис за живеалиштата на штрковите, детски забавни реквизити, а доминатно место имаат и големите макети на бел штрк. Целта е месното население и посетителите, а посебно најмладите да добијат подобра претстава за потребата од заштита на птицата, која е општински симбол.

– Белиот штрк е наш заштитен знак, како симбол се наоѓа на грбот на Општината, а ние преземаме континуирани мерки и активности за поголема грижа за негово опстојување. Секоја година за прославата на Денот на штркот имаме културно-забавна програма во која се вклучени учениците од основните училишта. Со поддршка од Македонското еколошко друштво веќе изработивме проект за заштита на пасиштата и ливадите како извор на храна за штрковите, а минатата година беше изградена и специјализирана набљудувачница за птици. Исто така, Oпштината има договор со компанијата ЕВН за поставување платформи на електричните столбови на кои белиот штрк безбедно може да се гнезди, истакна Виолета Јанева од Општина Чешиново-Облешево.

Најстарите жители на Чешиново-Облешево велат дека поврзаноста на луѓето и штрковите постоела отсекогаш, а причината за тоа е многу едноставна – народните верувања, легенди и преданија дека штрковите носат живот. Оттаму и приказните декa бебињата ги донел штркот.

– Се случи една есен пред десетина години, токму пред заминување на преселните птици, еден штрк го повреди крилото и не можеше да лета. Наш соселанец го прибра дома, го преврза, го лекуваше и хранеше со риби и жито цела зима. Птицата остана да живее во неговиот дом, наместо наредната година, откако оздрави, да замине со своите штркови. Никогаш кај нас не се случило човек да избрка штрк ако почне да му прави гнездо на оџакот или покривот од куќата. Се верува дека птицата ќе му донесе среќа и благосостојба на домаќинот. Не паметам ниту некогаш да се случило човек да нападне или да отепа штрк, тоа е најголем грев. За нас оваа птица отсекогаш значела радост, вели 75-годишниот Тодор Стоилов, земјоделец од Чешиново.

Според истражувањата што пред две години ги направи Македонското еколошко друштво, во Чешиново-Облешево има најголема густина на штркови гнезда во државата. Карактеристично е што, за разлика од другите земји, каде што секој пар изведува просечно по две младенчиња, овде тој број е двојно поголем. Освен тоа, во селото Чешиново се наоѓа и најголемото гнездо на штрк во нашата земја.

– Жителите на Чешиново-Облешево треба да бидат горди што и самите придонесуваат да има стабилна популација на белиот штрк на ова подрачје. Од вкупно 833 идентификувани активни штркови гнезда на територијата на целата држава во 2016 година, кога се спроведе Националниот цензус на бели штркови, во оваа општина беше забележана најголемата густина, односно 123 активни парови на 100 квадратни километри и само таков хабитат каков што има во оризовите полиња може да ги поддржи. Инаку, и месното население помага во пребројувањето на гнездата, што го прави со гордост, а според информациите што ги добиваме, во изминатиот период бројот се движи меѓу 80 и 120 активни штркови гнезда, што искрено е најголема бројка што сме ја виделе на едно место, истакна Данка Узунова од Македонското еколошко друштво.

На заминување од Чешиново-Облешево, извршниот директор на „Еуронатур“, Швадерер, додаде дека штркот е птица што избира да се гнезди на подрачја каде што има богат жив свет како извор за негова исхрана, а со тоа покажува дека таму има здрава животна средина. Токму затоа останува обврската на сегашните генерации да ја чуваат – и за своите поколенија и за малите штркови што допрва ќе се испилат.

Тони Ајтовски/МИА