Македонија
22. јуни 2016 - 13:20

Чешиново - Облешево и романската општина Болдешти - Скаени ја официјализираа соработката

Општина Чешиново - Облешево и романската општина Болдешти - Скаени потпишаа Протокол за соработка.
 
Потпишувањето се реализира во рамки на работната посета што ја реализира делегација на локалната самоуправа од Чешиново - Облешево како дел од одбележувањето на празникот на Болдешти - Скаени.
 
- Договоривме соработка на културен и спортски план, како и размена на искуства на економско ниво. Заеднички беше договорено да подготвиме проекти кои ќе бидат финансирани од фондовите на Европската унија што е од интерес на жителите на двете општини, изјави денеска на прес-конференција градоначалникот Костадин Личков.
 
Како што информира, наредната средба ќе биде во Чешиново Облешево на 21 септември, на Денот на Општината кога се очекува и гостување на Фолклорен ансамбл и на спортска екипа.