Македонија
10. May 2019 - 17:09

Чавков не се сеќава кој ја дал наредбата за апсење на Љубе Бошковски

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, не можеше да се сети дали знаел за апсењето на Љубе Бошковски. Како сведок на Специјалното јавно обвинителство, Чавков пред судот изјави дека тогаш раководел со одделението за организиран криминал во МВР, ама никогаш не се интересирал за детали од истрагите кои се воделе. Рече дека поминало многу време и не може да се сети дали тој ја дал наредбата да се апси Бошковски.

„Не се интересирав ниту влијаев во водењето на случаите, а за тој случај имаше Посебни истражни мерки но не се сеќавам кои мерки беа применувани“, изјави Чавков.

Тој додаде оти за случајот постои документација, а целата постапка се водела во соработка со јавен обвинител.

Веднаш по апсењето, Бошковски бил однесен во полициската станица Гази Баба, сведочеше сменоводителот во одделот за задржување, Киро Николовски. Тој рече дека за кратко пристигнал адвокатот на Бошковски и заедно го потпишале записникот за апсењето без забелешки за постапката.

Според обвинението, СЈО ги товари за мачење и понижувачко постапување при апсењето на лидерот на Обединети за Македонија ден по парламентарните избори во 2011-та.