Македонија
31. May 2016 - 16:06

Чауш осуден на две и пол години затвор за ,,Фабриката за афери‘‘ - Судењето за ,,Диво Насеље‘‘ – Одложенo

Кривичен пресуди-Захир Бекири Чауш и неговиот брат се виновни за злоупотреба на лични податоци и фалсификување исправа. Чауш е осуден на две ипол години затворска и 123.000 денари парична казна, додека неговиот брат Имер за истите дела доби затвор од 1 година и казна од 61.500 денари. За кривичното дело изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување кривично дело, двајцата обвинети беа ослободени бидејќи судот смета дека обвинителство не понудило доволно докази. Дополнително судот им го укина и притворот, со образложение дека не постои опасност делото да биде повторено, ниту обвинетите да влијаат на постапката. Чауш и Имер пресудата ја дочекаа мирно и без коментар,а нивната одбрана најави жалба.

Утрово беше одложен и стартот на судскиот процес за Диво насеље. 37-мината обвинети седнаа на обвинителна кулпа, но нивните адвокати и новинарските екипи останаа пред зградата на Врховен. И покрај владината одлука со која големата сала му беше доделена на кривичниот суд за водење на овој процес, Врховен одлучи да не дозволи одбраната и новинарите да минат преку главниот влез. Во соопштението на Кривичен се вели дека од нивната страна се превземени сите мерки за одржување на денешното рочиште, но вината за одложување е во Врховниот суд кој не ги почитува одредбите од владината одлука. Во соопштението на Врховен пак се вели дека тие не се надлежи за организирање на овој судски процес, а причините за одложување треба да се бараат од кривичниот суд.

Денес не започна ниту рочиштето за двајцата демонстранти од Левица. Одбраната се уште го нема добиено вештачењето на Правобранителство кое вкупната штета од демолирањето на народната канцеларија на претседателот Иванов ја процени на 522.000 денари. Судскиот процес против Здравко Савески и Владимир Куновски, кои се товарат за учество во толпа која ќе стори кривично дело продолжува на 10 јуни, а дотогаш тие остануваат во куќен притвор.