Македонија
13. November 2017 - 20:58

Церар: Следната година да почнат пристапните преговори на Македонија со ЕУ

Во интерес на ЕУ и на Словенија е Македонија, како стабилна и безбедна земја, да се приклучи што е можно побрзо кон ЕУ и НАТО, рече денеска премиерот на Република Словенија Миро Церар по средбата со премиерот на Република Македонија Зоран Заев.

- Посакуваме веќе следната година да почнат пристпаните преговори на Република Македонија со ЕУ и во таа насока сме подготвени да ги помагаме и поддржиме реформите што земјата ги спроведува на планот на евро-атлантските аспирации, истакна Церар на заедничката прес-конференција со Заев.

Според Заев, во Владата на РМ постои цврсто втемелена согласност дека додека се спроведуваат консолидирачките и реформските процеси во земјата, со иста енергија и фокусираност се пристапува кон градење на односите со соседите, со земјите во регионот и со стратегиските определби да се удвои брзината на процесите за членство во НАТО и ЕУ. 

- Ова за нас е посебно значајно, посебно во период кога темата за проширување на ЕУ не е приоритетна тема во некои земји членки. Од тој аспект, уверени сме и имаме големи очекувања дека Словенија ќе биде меѓу најгласните и најсилните поддржувачи на веќе зајакнатата меѓународна поддршка за Република Македонија за остварување на нашите ЕУ и НАТО аспирации. Сакаме и очекуваме Македонија да биде 30-та членка на НАТО, рече премиерот Заев пред словенечките медиуми.

Во однос на регионалната соработка, како еден од предусловите за практикување на добрите политики на Република Македонија, Заев ги издвои проектите од Берлинскиот процес, особено поради, како што напомена, нивниот прагматичен пристап и фокус на вмрежување, транспорт и регионална соработка кои ги вратија на агендите на земјите од Западен Балкан процесите со кои се создаваат услови за обезбедување на европските стандарди. 

- За Република Македонија од голема важност е да продолжат иницијативите за регионално поврзување во патната и железничката инфраструктура, како и реализацијата на Регионалната економска област. Учествуваме активно во овој процес, дадовме иницијатива заедно со претседателите на владите на БиХ и Црна Гора за заедничка регионална авио-линија Скопје - Подгорица - Сараево со која сакаме да го поврземе регионот и да овозможиме поголема мобилност за луѓето, подвлече Заев.

За односите меѓу Македонија и Словенија, заедничка беше констатацијата дека се пример за пријателство, втемелено на заемно длабоко познавање и меѓусебна почит.  

- Оваа посета го потврдува традиционалното и искрено пријетелство меѓу двете земји, кое симболично и реално беше почнато пред 25 години кога двете земји, токму меѓу себе ги воспоставија првите дипломатски односи во нивните меѓународни односи како самостојни држави, рече Церар.

Заев изрази благодарност за континуираната словенечка поддршка не само за забрзаното членство во ЕУ и НАТО, туку и за надминувањето на предизвиците во текот на мигрантската криза. На прес-конференцијата тој упати отворена покана до својот колега Церар да дојде во официјална билатерална посета во Република Македонија.  

Двајцата премиери изразија согласност дека двете влади ќе настојуваат да се создадат иницијативи за дополнително интензивирање на стопанската соработка, како и на планот на развојните политики на Република Македонија.