Балкан
20. September 2016 - 0:04

Церар им порача на мигрантите да покажат трпение додека да се решат барањата за азил

Словенечкиот премиер Миро Церар ги повика денеска мигрантите и бегалците, кои во Словенија протестираат барајќи брзо решавање на барањата за азил, да покажат повеќе трпение.

 - Разбирам дека тие се донекаде вознемирени од постапките за добивање на меѓународна заштита, но верувам дека надлежните се трудат да ги забрзаат, а и јас ќе се ангажирам за тоа кога ќе ја изанализирам ситуацијата, истакан Церар, коментирајќи го протестот во бегалскиот центар во Љубљана, јави Хина. 

Поради долготрајните процедури и услови за живот во бегалскиот центар во Љубљана протестираат околу 30 бегалци и мигранти, поголемиот број од Сирија и Авганистан. 

Бегалците истакнаа, дека 90 проценти од оние кои поднеле барање за азил, се уште не добиле одговор, ниту пак некој ги информирал за текот на процедурите, со што повеќето бегалци во центарот се чувствуваат како „во затвор“.

Демонстрантите закачиле на зграда голем плакат на кој на англиски јазик пишувало „И ние сме луѓе“, со кој ги напоменуваат „неиздржливите“ услови во кои живеат.

Според официјалните податоци на словенечките власти од почетокот на миграциската криза во земјата влегле половина милион бегалци и мигранти.

Во моментов во Словенија се наоѓаат 297 мигрантите кои поднеле барање за азил, а властите дале позитивен или негативен одговор на други 614 барања.

Само 27 лица добиле статус на бегалци.