Свет
11. January 2018 - 13:00

Церар и Пленковиќ на разговор кај Јункер поради Пиранскиот Залив

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер до крајот на јануари ќе ги покани премиерите на Словенија и на Хрватска, Миро Церар и Андреј Пленковиќ на разговори во Брисел поради спорот околу Пиранскиот Залив, објави словенечко „Дело“.

Весникот додава дека со средбата со Церар и Пленковиќ, Јункер сака поактивно да учествува  во разрешувањето на спорот, откако Хрватска одби да ја прифати одлуката на Арбитражниот суд лани во јуни.

Со одлуката на Арбитражниот суд, Словенија доби две третини од Пиранскиот Залив и со тоа се навести крај на спорот кој трае веќе 25 години. Судот го наведе 30 декември 2017 година како датум на влегување во сила на одлуката.

Хрватска, која бара половина од таа морска територија, одбива да ја прифати одлуката, откако беше обелоденето дека официјална Љубљана одржувала тајни контакти со Арбитражниот суд.

пирански залив

Весникот додава дека Јункер предложил и посредништво на заменикот-претседателот на ЕК, Франси Тимерманс.    

„Дело“ повикувајќи се на извори од Брисел, објави дека за време на неодамнешната посета на седиштето на ЕУ, словенечкиот претседател Борут Пахор побарал од Јункер да свика средба со премиерите на Словенија и Хрватска.

Пред два дена, на средбата со Пахор, Јункер изрази подготвеност за посредништво на ЕУ во спорот за заливот.

- Сакаме да се обидеме да посредуваме меѓу двете позиции, очевидно врз основа на одлуката на Арбитражниот суд, истакна Јункер, без да навлегува во детали за планираното посредување.