Свет
13. January 2018 - 12:28

Церар: Доколку Хрватска не ја прифати арбитражната одлука, следи тужба

Словенечкиот премиер, Миро Церар, изјави пред парламентот дека најдобро би било Хрватска самата да се согласи на спроведување на арбитражната одлука за границата меѓу двете земји. Тој се закани дека во спротивно Словенија ќе биде принудена да тужи.

Церар ова го изјави по затворената седница на собраниската комисија за надворешни работи на која придружуван од повеќе министри на пратениците им објаснил што неговата влада прави во насока на спроведување на одлуката на арбитрите, која пак, Хрватска не ја признава.

Што се однесува до можната интервенција на Европската комисија во арбитражниот спор, Церар изјави дека очекува претседателот Жан-Клод Јункер, или првиот заменик-претседател, Франс Тимерман, на хрватската страна да и понудат „некои конкретни можности кои ќе доведат до спроведување на одлуката“ и дека верува оти за таквите можности ќе биде информиран во следните денови, кога ова иницијатива на Комисијата би била „до одреден степен завршена“.

Церар во овој контекст ја доживеал и неодамнешната најава на хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, кој на средината од следниот месец пред Јункер и неговите колеги од Комисијата ќе ја разјасни позиција на Хрватска во однос на арбитражата, а словенечкиот премиер сепак очекува дека Комисијата ќе дејствува врз хрватската страна, со цел да ја прифати арбитражната одлука.

Словенечкиот премиер рече дека е задоволен од најавата на Пленковиќ за посета на Брисел и средба со Јункер.

„Состанокот го гледам како многу важен чин бидејќи од исклучително значење е тоа што Комисијата се обидува да ги убеди Пленковиќ и Хрватска на својот став која е идентичен на словенечката позиција, а тоа е дека арбитражната одлука треба да се спроведе“, изјави Церар за новинарите по состанокот.