Македонија
25. July 2019 - 16:22

Цензура или борба со лажни вести- спротивни реакции по акцискиот план на Владата

Власта сака да ги замолчи новинарите, обвинува најголемата опозициска партија, по вчерашниот предлог на Владата да формира Акциска група во борба против лажните вести. Според ВМРО ДПМНЕ, планот на премиерот Заев да отвори фронт против пласирање на дезинформации во јавноста е план за вовед во целосна цензура.

Во одбрана на новата мерка, од СДСМ повторуваат дека таа нема намера да воведе никаква цензура, ниту пак ограничување на слободата на говорот.

Предлог планот на Заев за спречување на лажните вести не наиде на одобрување ниту кај новинарскиот еснаф. Од Здружението на новинари на Македонија посочуваат дека дел од мерките во планот на Владата се проблематични и загрижувачки.

Првичната оценка содржи точки поради кои изразуваме загриженост. Во насока на исклучување на сомнежи за злоупотреба на обврската на Владата да ја гарантира слободата на изразување, од исклучителна важност е процесот на консултации за овие теми да биде максимално инклузивен и транспарентен од самиот почеток. Освен тоа, Владата треба да знае дека дефинирање на професионални стандарди и оценката за тоа дали некој новинар или медиум е етичен, може да ги прави исклучиво новинарскиот еснаф и јавноста, а не владина институција или каква било работна група во рамки на Владата, наведуваат од ЗНМ.

Токму отсуството на претставници од новинарската фела во Акциската група за борба против дезинформациите е една од главните забелешки. Дали нешто ќе биде оценето како лажна вест, предвидено е да определуваат разни владини претставници, кои ќе ја сочинуваат оваа група.

Планот на Владата во борба против лажните вести опфаќа и низа безбедносни мерки кои треба да ги спроведат релевантните институции.