Македонија
4. December 2017 - 16:22

Центрите за имунизација работат без педијатри

Алармантна е состојбата со недостаток на педијатри во центрите за имунизација. Од 11 вакви пунткови во главниот град само во три од нив има вакви специјалисти. Во останатите работат општи лекари. Иста е ситуацијата и со школските диспанзери каде во 10 од нив функционираат  само тројца специјалисти по школска медицина. Доктор Венера Митревска од пунктот во Букурешт вели дека немањето на стручен кадар веќе го зема својот данок.

-Секако дека се чуствува тоа што нема педијатри во советувалиштата. Тоа се гледа и по намалување на опфатот со имунизација и тоа најмногу во Скопје. Порано кога сегде имаше педијатри не беше ваква состојбата, вели др. Венера Митревска специјалист педијатар во пунктот во Букурешт.

Нејасно е кој ќе ги замени овие педијатри во пунктовите кои се бројат на прсти, откако тие ќе заминат во пензија. Доктор Митревска годинава ги исполнила условите за пензионирање, но доброволно го продолжила својот работен ангажман во центарот за имунизацијата. Порачува дека е многу важно и неопходно децата пред вакцинирање да ги прегледува стручен специјалист.

-Педијатарот е многу важен сегмент во овие пунктови. Не е во прашање само имунизацијата, има многу работи кои треба да им се кажат на родителите, вели др. Митревска

Проблемот со недостаток на педијатри во центрите за имунзација трае со години и тоа не само во Скопје туку и во останатите градови. Има неколку лекари кои се на специјализација по педијатрија, но, прашањето е, што додека тие почнат со работа. Од министерствто за здравство велат дека правеле темелна анализа за потребите на јавните здравствени установи, особено во делот на зајакнување на дефицитарните области меѓу кои се и педијатрите.