Македонија
21. May 2019 - 16:12

Центарот за зависници од Кисела Вода ќе се дислоцира во објект во МЗТ Скопје

Од Кисела Вода Центарот за зависници ќе се сели во Гази Баба. Здравствените власти одлучија Установата за третман на зависниците од дрога да ја префрлат во поранешната менза на фабриката Металски Завод Тито.

- Ова е местото каде до крајот на годината треба да биде сместен Центарот за зависници. Покрај нова локација зависниците ќе добиваат и нова современа терапија.

Иако објектот е во состав на поранешната фабрика каде сега има неколку фирми до бараките има и посебен влез. Министерството за здравство веќе добило решение од општината Гази Баба на чија територија се наоѓа земјиштето. Филипче се надева дека нема да има проблеми со имотно правни односи.

-Заклучивме дека е добро овие лица да се третираат на едно место и се надеваме дека за 5 до 6 месеци ќе се адаптира овој простор во објектот кој е поранешна менза во склоб на фабриката Металски завод Тито, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Инаку Центарот во кој метадонска терапија добиваат околу 500 лица само времено требаше да остане во Кисела Вода, но повеќе од 20 години е вистински хорор за жителите од овој дел на Скопје. Употребени игли, шприцеви, шишенца со метадон и зависници кои ги користат им се секојдневна глетка. Револтот кулминираше зимава кога граѓаните кои живеат во населбата излегоа на протести и со блокирање на улици бараа итно решение за нивниот проблем. Градоначалникот на Кисела Вода и министерот за здравство им ветија дека за 6 месеци ќе најдат нова локација, но ќе треба уште толку време бараките да ги приспособат за третман на наркозависници.