Македонија
5. February 2020 - 16:44

Цементара доби пехар за трујач на годината, компанијата тврди дека го почитува законот

Граѓански активисти го блокираа влезот на Цементарница Усје. Бараат веднаш да се стопира согорувањето на отпад како енергенс.

- Македонија како суверена држава мора да го забрани увозот на отпад. Мора да го забравни увозот на отпад, вели Ана Глигорова од Движењето за чист воздух.

Велат дека државата мора да ја регулира емисијата на штетни гасови од индустриските капацитети.

- Бараме регулација индустриите, нивна контрола, нов начин на работа. Начин на работа како што тоа го налагаат европските регулативи за индустриски емисии, меѓу кои спаѓа и цементната индустрија, вели Тони Никушевски од Движењето за чист воздух.

Од Цементарница Усје, пак, велат дека токму таа компанија е првата која доби А-интегрирана дозвола, и за тоа вложила 70 милиони евра.

- Најодговорно тврдам, Цементарница Усје не е причинител за загаденоста на воздухот. Не е причинител за загаденоста на воздухот во Кавадарци, Тетово, Охрид... сегде, вели Борис Хрисафов, генерален директор на Цементарница Усје.

Менаџментот на компанијата дојде на протестот и ги повика активистите да влезат во кругот на Цементарница за да видат како работи фабриката.

Од министерството за животна средина велат дека постојано се вршат редовни и вонредни контроли во Цементарница и оти никој не е поштеден. Посочуваат дека за време на мерките против загадувањето една од печките во компанијата не работела.