Македонија
12. September 2018 - 15:15

Целовечерен концерт на италијанска, француска и шпанска музика со Павле Камилоски

Во Македонска опера и балет на 19-ти овој месец  целовечерен концерт ќе одржи Павле Камилоски на кој љубителите на италијанската, француската и шпанската музика ќе можат да уживаат во песните кои тој ги претвора во „традиција“. 

Концертот е дел од проектот „Мала Италија патува“, а како што посочи Камилоски, претставува еден од начините за да им ја пренесе на публиката убавината на медитеранската песна и остварувањето на сите негови соништа. 

- Музиката отсекогаш тлеела во мене, но очигледно не сум бил свесен за својот потенцијал. По се изгледа во тинејџерските денови сум бил срамежлив да го споделам мојот порој кон неа, но нема никогаш да заборавам како по дома ја пеев „O sole мio“. Животниот пат ме доведе до натпреварот на бродот кај што работев, „crew talent show“ и победата ме охрабри да се посветам на оваа страст, објасни Камилоски. 

Тој раскажа дека школувајќи го неговиот глас открил колку може да даде преку песната и музиката, уверувајќи дека се уште работи на усовршувањето на неговите вокални способности. 

Неговото прво појавување беше во 2015 година во Музејот на град Скопје во октомври, каде што тој успеа да ја освои публиката со својата соло изведба. Во 2016 година, Павле го одржа неговиот прв соло концерт со пијано придружба. Во 2017 година, замина за Париз на доусовршување и се уште континуирано вложува во себе и во надградбата на неговите вокални способности кај еминентни професори.

Концертот ќе се одржи во големата сала на МОБ, со почеток од 20:00 часот.