Бизнис
1. February 2018 - 11:05

ЦЕА: Покривањето на обврските од општините води кон натамошно еродирање на правната држава

Центарот за економски анализи (ЦЕА) смета дека барањата за генерирање на долгот од страна на единиците на локална самоуправа (ЕЛС) и неговото евентуално надмирување од централната власт за покривање на неплатените обврски на општините и нивните јавни претпријатија води кон натамошно еродирање на правната држава.

- Со ваквата мерка се праќа сигнал дека незаконските дејанија, неодговорното работење, и немањето на отчетност се исплаќа, а економските субјекти се изложуваат на нефер и дискриминаторска  положба во однос на државата и се креираат пазарни девијации на пазарот на капитал, велат од ЦЕА.

Ваков инструмент, според нив, води кон одржување на заробеноста на државата што веќе беше детектирана од страна на Европската  комисија, а дополнително, додаваат, се праќа порака за неказнивост на партиските кадри кои ги водат општините и се синдикализираат трошоците за неодговорно работење на избрани и именувани функционери со што се креираат ризици за неодговорност и морален хазард.

- Знаејќи дека ќе поминат без соодветна казна за неодговорно работење со даночните средства на граѓаните се креира ситуација на отсуство на секаква грижа за управување со ризиците соодветно на можностите и ресурсите на општините од страна на неодговорните градоначалници. Трошокот за неодговорното работење во заробената држава паѓа на товар и на оние кои не се одговорни за неодговорното и надвор од законот работење, велат од ЦЕА и потенцираат дека ваков инструмент води кон дискредитирање на институции, надзорни тела и воопшто системот на проверка и контрола.

ЦЕА бара Владата да направи соодветна анализа за состојбата, причините, структурата, финансиските и економските ефекти од неплатените обврски од страна на ЕЛС и да ја детектира одговорноста која мора да биде индивидуализирана, а Министерството за финансии да направи соодветна анализа за состојбата, причините, структурата, финансиските и економските ефекти од неплатените обврски и да ја детектира одговорноста која мора да биде индивидуализирана.

Соодветно на тоа, се бара Јавното обвинителство да покрене истрага по овие анализи и соодветно да постапи таму каде има основано сомневање за кривични дела. Воедно, се бара да се утврди кои општини ќе може да ги репрограмираат долговите со краткорочно задолжување по пазарни услови од страна на самите општини, а кои со краткорочна позајмица од Буџетот на Република Македонија.