Македонија
14. September 2018 - 18:20

Царовска:Примателите на парична социјална помош ќе ги вратиме на пазарот на труд

 Со реформите во социјалата главна цел ни е примателите на парична социјална помош да ги вратиме на пазарот на труд, рече денеска министерката за труд и социјална политика по посетата на Центарот за социјални работи во Струмица.

Според неа, Македонија е една од ретките земји каде имаме огромен број на невработени, а при тоа има и огромен број на барања за вработувања во бизнис секторот.

- Тоа значи дека треба да имаме поврзување, а со интегрираниот систем на управување со случаи токму тоа сакаме да го постигнеме, и сигурна сум дека со заеднички напори со нововработените, но и оние кои имаат искуство и со директори кои се посветени на работата во центрите со овој реформски пристап ќе постигнеме многу повеќе за сите граѓани кои досега живееја во сиромаштија, рече министерката Царовска.

Додаде дека раговарала и за персоналните асистенти, кои сега се на ниво на програма во десетина општини и давале одлични резултати и затоа во новиот закон за социјална заштита тие се предвидени како законско право на секој граѓанин кој сака да користи персонален асистент во неговото секојдневно живеење над 18-годишна возраст за да може да ги извршува своите секојдневни задачи.

На новинарско прашање што конкретно ќе опфаќа враќањето на пазарот на труд на примателите на социјална парична помош, министерката Царовска одговори дека решавањето на тоа прашање е многу важно, бидејќи долгорочното примање социјална парична помош прави пасивизација.

- Вие сметате дека не сте кадарен со ништо да придонесете во општеството. Затоа ние велиме дека е потребно да вложиме пет години во едно лице, бидејќи не е лесно враќањето на пазарот на труд. Тие што сега влегле во системот на социјална заштита можеби ќе ги извлечеме за шест месеци, но тој што има трансгенерациски пренос на сиромаштија, каде и дедото, и таткото и синот или баба, мајка, ќерка примаат социјална помош, дава чувство дека вие мора нешто да земате од државата. Да ќе земате, но ве стимулираме да работите и ние ќе ви додадеме до минимумот кој е гарантиран токму во новиот закон, одговори Царовска.

Таа потенцираше дека државата ќе дава преквалификации, доквалификација, но и практиканство и општинско корисна работа во секоја општина заедно со општините и бизнис секторот за да можат корисниците на парична социјална помош да стекнат работни навики, да излегуваат на пазарот на труд.

- Тие се плашат дека ако ги отпуштат дека нема да можат да се вратат во системот. Но, новиот закон вели дека ако ве отпуштат од работа системот пак ќе ве прифати. За да го намалиме стравот кај граѓаните дека ако еднаш го изгубат правото на користење на социјална помош нема да можат повеќе да ја користат, ги тргнуваме сите бариери за да можат граѓаните да почнат да веруваат во системот. Само тој што заработува парче леб се чувствува достоинствено и знае дека од никој не чека милост, истакна министерката Царовска.

Директорот на Центарот за социјални работи во Струмица, Зоран Манев, информираше дека се примени нови 12 стручни лица, кои ќе бидат во функција на подобрување на социјалната заштита во општините кои ги опфаќа Центарот.